ПАВЛЕ КУЗМАНОВСКИ ОТВОРИ ИЗЛОЖБА СО 19 ПЕЈЗАЖИ ПО ПОВОД 19 НОЕМВРИ – ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ТЕТОВО

Тетово, (СМАРТ СДК.МК)

Во пресрет на 19 Ноември, Денот на ослободувањето на Тетово, тетовскиот ликовен уметник и еден од доајените на македонското сликарство Павле Кузмановски пред својата домашна публика се претстави со изложба на пејзажи изработени во пастел. На неговите слики доминираат предели од Шар Планина, но има и пејзажи од други планински предели во Македонија.

Иако навлезен во деветтата деценија од својот живот, Кузмановски и понатаму неуморно твори и секоја година има нова изложба.

Последниве неколку месеци честопати ми се случуваше да ме сретне некој пријател и да ме праша дали и понатаму сликам. Работам, им велам. Тоа ми беше предизвик и оваа година, како и минатата, да направам изложба на мои најнови ликовни дела, за да покажам и докажам дека и понатаму активно работам. Освен маслени бои и други техники, почнав да сликам пејзажи со пастел. Така направив циклус од пејзажи од нашево поднебје. Повеќето се мотиви од Шар Планина и Лешница, но има и од други предели во Македонија. Ете, тоа беше поводот за оваа изложба, а воедно со неа се вклучувам во одбележувањето на Денот на ослободувањето на Тетово, 19 Ноември“, изјави Кузмановски на отворањето на изложбата.

Иако навлезен во деветтата деценија од животот, Кузмановски и понатаму неуморно твори (Фото: З. Андонов)

Тој притоа првпат претстави дело кое настанало пред речиси 50 години, а кое досега стоело зафрлено во неговото ателје.

Овој цртеж или скица во боја е работен некаде во 1975 година. Тогаш имаше еден конкурс на југословенско ниво и мојот пријател, познатиот српски вајар Јован Солдатовиќ, ми предложи и јас да учествувам. Првин се двоумев и не сакав да прифатам, но Јован ме убеди да конкурирам. Тогаш го направив овој цртеж со димензии два на три метри на тема ‘Трите невести сетолчанки‘. Идејата на конкурсот беше избраното дело да биде изработена во ткаена таписерија. Јас цртежот го направив, ама конкурсот се растури и така овој цртеж, свиткан во ролна во моето ателје, чекаше речиси 50 години конечно да излезе во јавност. Кога случајно го пронајдов и видов дека е во добра состојба, решив да го подарам на Музејот на Тетово“, раскажува Кузмановски.

З. АНДОНОВ