Австрискиот режисер, оскаровецот Михаел Ханеке ќе снима телевизиска серија од десет дела, насловена „Книгата на Келвин“.
Двократниот добитник на Златна палма потврди дека работи на серијата, базирана на дистописка приказна.
Ханеке, кој е еден од најпознатите автори на современиот филм, рече дека овој потег му дава можност да работи во подолг формат.
„По 10 телевизиски филмови и 12 филмови, сакав еднаш да раскажам подолга приказна“, рече Ханеке.
„Книгата на Келвин“ ќе биде снимен на англиски јазик, потврди германската продукциска компанија „УФА“.
„Книгата на Келвин е извонредно богата и амбициозна приказна. Со современи теми и како одраз на дигиталната ера во која живееме, нема подобро време за овој проект“, додаде тој.
Ханеке се приклучува на долгата листа на режисери кои преминале од кино на телевизија. Спајк Ли, браќата Коен и италијанскиот филмски режисер Паоло Сорентино се здружија со „Нетфликс“, „Ејч-Би-О“, „Скај“ и „Амазон“ да снимаат амбициозни ТВ-проекти.
„Книгата на Келвин“ сè уште не е во продукција и нема партнер за емитување.