„КОШТАНА“ Е НАШАТА ЖИВОТНА ПРИКАЗНА, КАЖА СИЛВАНА МУЧИЌ-ПЛЕВНЕШ НА ЈУБИЛЕЈНИОТ КОНЦЕРТ НА „СИЛВИ БЕНД“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дуото „Силви бенд“ синоќа (13 октомври) одржа концерт во Националната опера и балет, со кој прослави 35 години музичка кариера. Настапија во придружба на камерен оркестар, нивниот бенд и Ана Костадиновска и Теа Богатинова како придружни вокали, а на репертоарот беа песни од различни периоди на нивната кариера, од фестивалските настапи до најпознатите хитови.

Концертот започна со песните кои ги пееле на македонските музички фестивали, најмногу Макфест. Во текот на вечерта, Силвана Мучиќ-Плевнеш и Влатко Плевнеш се потсетија на почетоците на кариерата и ги спомнаа авторите на хитовите.

Еден од посебните моменти беше изведбата на „Ангели ме носат“. Пред песната, Силви и Влатко се потсетија на починатиот музичар и композитор Драган Вучиќ, автор на песната и му оддадоа почит.

Посебен дел од концертот беше посветен и на Владо Јаневски, со кого Силви и Влатко ги поврзуваа долгогодишно пријателство и музичка соработка.

„Сега ќе му посветиме една песна на еден голем уметник, на нашиот Владо, кој никогаш нема да биде заборавен“, рече Силвана Мучиќ и во чест на Јаневски ја испеа неговата „Некогаш и негде“.

Вториот дел од концертот беше посветен на мјузиклот „Коштана“, во кој Силви ја играше главната улога. Таа испеа неколку песни од мјузиклот, а како специјален гостин ѝ се придружи Џон Илија Апелгрен.

Оддавајќи му почит на својот ромски народ, Силви емотивно зборуваше за значењето на приказната за Коштана за неа.

„Коштана е нашата животна приказна, романтизирана на сцена“, рече пејачката.

На крајот од концертот следуваше и семеен момент. Внуката Малика, ќерка на Деа Делина, излезе на сцената и им подари цвеќе на Силви и Влатко. Концертот заврши со големи аплаузи од публиката и со „Time to Say Goodbye“, познатата песна на италијанскиот тенор Андреа Бочели.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. Попов