НЕ СЕ ЗБОГАТИВ ОД „МОНТИ ПАЈТОН“, МОРА ДА РАБОТАМ И НА 80 ГОДИНИ, ВЕЛИ ЕРИК АЈДЛ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Легендата на „Монти Пајтон“ Ерик Ајдл вели дека и натаму мора работи на 80 години од финансиски причини. Тој додаде дека минатата година го продал својот дом.

„Не знам зошто луѓето секогаш мислат дека сме полни со пари. ‘Монти Пајтон‘ е катастрофа. Никогаш не мислев дека на оваа возраст приливот на приходите ќе се намали толку катастрофално“, кажа Ајдл, кој во март ќе наполни 81 година.

Тој рече дека трупата „Монти Пајтон“ го поседува сето она што некогаш го направиле заедно и смета дека проблемите со менаџментот во минатото имаат врска со неговите сегашни неволји.

„Не ми е важно да бидам богат. Претпочитам да сум смешен“, заклучи тој.

Ајдл беше еден од основачите на „Монти Пајтон“ во 1969, заедно со Грем Чепмен, Џон Клиз, Тери Гилијам, Тери Џонс и Мајкл Пејлин. Тие снимија и пет филма од 1971 до 1983 година. Ајдл го создаде мјузиклот „Спамалот“ во 2004, кој освои награда Тони за најдобар мјузикл.

„Ангажиран сум и пишувам. Тоа е она што го правам и што најмногу го сакам. Правам ново шоу“, кажа Ајдл, кој во последните децении главно живее во Лос Анџелес.

(Фото: АП)