ГЛЕДАЊЕТО НА КАФЕ Е КАКО ТИНДЕР СТАР 600 ГОДИНИ

САД, (Би-Би-Си)

Вртењето на шолјата по испиеното турско кафе и гледањето на кафе, е традиција и забава која Турците ја сметаат за уметност, а е популарна и кај нас.

Порано само повозрасните, а денес, и генерацијата Z, оние кои се родени од 1997 до 2012 си гледаат на кафе, во Турција, на Балканот, ама и во Америка. Иако нашироко се верува дека зрната кафе за првпат биле одгледувани во висорамнините на Етиопија, благодарение на Отоманската империја бил популаризиран најраниот метод за варење кафе. Донесени во 16 век од Јемен во палатата на султанот Сулејман во Истанбул, тогаш  Константинопол, зрната кафе слични на цреша се печеле, се мелеле и се додавале во вода. Оваа смеса се варела со шеќер во бакарно тенџерче, познато како ѓезве, на оган од врел песок.

Овој начин на варење кафе постои и денес, а го има и во Скопје, во Старата чаршија. 

Ние го викаме „турско кафе“, Грците го викаат „грчко“, Србите „домаќинско“, а Турците само „кафе“.

Првата кафеџилница била отворена во Истанбул во 1554, а до првата половина на 17 век околу 600 кафулиња никнале низ градот. Тогаш се родила културата на пиење турско кафе, каква што ја знаеме и денеска.

„Ова кафе не е како од ‘Старбакс’, вели Гизем Салчигил Вајт, која повеќе од една деценија работи на сочувувањето на уникатните обичаи на Турција и почитувањето на кафето во Америка преку нејзиниот угостителски бизнис, „Турската кафе-дама“.

Гледањето на кафе е традиција за озборување во Турција (Фото: Алами)

„Турското кафе не е кафе што треба да се испие набрзинка и да се замине, или да се пешачи со нетоа“, рече таа. „Со него, уживате во моментот. Тоа симболизира гостопримство, пријателство и ги зближува луѓето“.

Турското кафе беше запишано на списокот на нематеријално наследство на УНЕСКО во 2013. Сепак, еден од најзбунувачките ритуали за западниот свет е античката уметност на читање среќа од талог од кафе или гледање на кафе. Традицијата почнала од харемот на султанот Сулејман, бидејќи жените биле исклучени од јавните кафулиња. Наместо тоа, на гатачите им било дозволено да влезат во харемот за да ги читаат шарите што останале од талогот. Во други култури, гатањето се практикувало со листови од чај или седименти од вино, но во Истанбул талогот од кафето брзо станал најпосакувана алатка за комуникација. Ритуалот бил начин на пренесување вести и озборувања, вклучително и муабетите кои сопруги му биле омилени на султанот.
Милиони Турци сега се претплатуваат на апликации кои нудат гледање на кафе генерирани со вештачка интелигенција или кои ги поврзуваат со виртуелни гатачи. Птицата, на пример, е знак на добра вест, коњот е принц или принцеза, рибата е среќа, а змијата непријател.

Минатата година, видео на Салчигил Вајт стана вирално на ТикТок, во кое е прикажано нејзиното кафуле во Александрија, Вирџинија. Видеото собра повеќе од 30.000 лајкови, бидејќи гатачката во кафулето комично му ја претскажала судбината на еден инфлуенсер од социјалните мрежи. Сега, за истата гатачката од кафулето треба да се резервира со месеци однапред за да се добие термин на гостите да им гледа на кафе.

 

Турското кафе беше запишано на списокот на нематеријално наследство на УНЕСКО во 2013 – Фото: СДК.МК