ШТИПЈАНЕЦОТ СТЕФАН ЃОРГИЕВ СТАНА СВЕТСКИ ШАМПИОН ВО БОДИБИЛДИНГ НА ПРВЕНСТВО ВО ШПАНИЈА, ЌЕ АТАКУВА И НА ТИТУЛАТА „МИСТЕР ОЛИМПИЈА“

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

„Се гордеам што станав светски шампион во бодибилдинг во конкуренција на јуниори до 23 години. На светскиот шампионат во Малага, Шпанија конкуренцијата беше голема затоа што учествуваа бодибилдинзи од стотина земји, но јас ги поминав сите селекции и на крајот се најдов во самото финале. Сите судии по бодибилдинг дадоа највисоки оценки за мене и мислам дека со право станав шампион на светот“ рече по освојувањето на титулата македонскиот бодибилдинг натпреварувач, Стефан Ѓоргиев.

Тој походот за светскиот трон во неговата конкуренција го најави уште пред еден месец кога за штипската ТВ М-НЕТ изјави дека ќе стори се да ги помине сите три квалификациони турнири за да се пласира за финалето на светскиот шампионат што ќе се одржи во Малага, Шпанија. И во тоа успеа.

„Имав тешки фитнес подготовки, но вредеше да се издржи затоа што ова е мојот најголем успех. Уште повеќе што станав и апсолутен победник затоа што на крајот од ова светско финале бевме во конкуренција најдобрите натпреварувачи од сите категории“ вели Ѓоргиев.

Младиот светски шампион од Штип како што најавува за еден месец ќе атакува и на највисоката можна титула Универзум во бодибилдинг, а тоа е Мистер Олимпија која е сон на секој натпреварувач.

„Ќе пробам, ако станав светски шампион зошто да не бидам и шампион на универзумот.“ кратко рече Ѓоргиев.

Т. ЈОВАНОВСКИ