80 ОТСТО ОД МЛАДИТЕ ВО СВЕТОТ НЕ ВЕЖБААТ ДОВОЛНО, ВЕЛИ СЗО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Триесет и еден отсто од возрасните и 80 отсто од светската адолесцентна популација не ги исполнуваат препорачаните нивоа на физичка активност, вели Светската здравствена организација (СЗО) во чест на 10 мај, Светскиот ден на физичката активност.

Извештајот го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), каде што стои дека, според проценките на СЗО,  околу пет милиони смртни случаи годишно се поврзани со недоволната физичка активност и затоа Светскиот ден на физичката активност се слави од 2002 година, за да се охрабри секој од нас да се движи за подобро глобално здравје. Во развиените земји постои систем на следење на степенот на физичката активност, како кај возрасните, така и кај децата и адолесцентите.

Физичката неактивност (недоволна физичка активност) е еден од водечките ризик-фактори за незаразните заболувања и смрт во целиот свет. Таа го зголемува ризикот од појава на рак, срцеви заболувања, мозочен удар и дијабетес за 20-30% и го скратува животниот век за 3 до 5 години. Покрај тоа, физичката неактивност го оптоварува општеството преку скриените и растечки трошоци за медицинска нега и губење на продуктивност.

Колку и каква физичка активност препорачува СЗО за лица на возраст од 5-17 години?

• Треба да се физички активни најмалку 60 минути со умерен до силен интензитет.
• Физичката активност поголема од 60 минути на ден ќе обезбеди дополнителни здравствени придобивки.
• Треба да се вклучуени и активности за зајакнување на мускулите и коските најмалку трипати неделно.

Возрасни од 18 до 64 години

• Треба да се физички активни најмалку 150 минути со умерен интензитет во текот на целата недела, односно најмалку 75 минути физичка активност со силен интензитет во текот на неделата или еквивалентна комбинација на активност со умерен и енергичен интензитет.
• За дополнителни здравствени придобивки треба да ја зголемат својата физичка активност со умерен интензитет на 300 минути неделно.
• Активности за јакнење на мускулите и коските, вклучувајќи ги поголемите мускулни групи, се препорачуваат најмалку двапати неделно.

Возрасни од 65+ години

• Треба да се физички активни најмалку 150 минути со умерен интензитет во текот на целата недела, односно најмалку 75 минути физичка активност со силен интензитет во текот на неделата или еквивалентна комбинација на активност со умерен и енергичен интензитет.
• За дополнителни здравствени придобивки треба да ја зголемат физичката активност со умерен интензитет на 300 минути неделно.
• Оние со слаба подвижност треба да прават вежби за подобрување на рамнотежата и спречување од паѓање три или повеќе пати неделно.
• Активности за јакнење на мускулите и коските, вклучувајќи ги поголемите мускулни групи, се препорачуваат најмалку двапати неделно.

Интензитетот на различни форми на физичка активност варира помеѓу луѓето. За подобрување на кардио- респираторното здравје, целата активност треба да трае најмалку 10 минути.

Фото: К. Попов