Тоа е чудна и прекрасна глетка: милиони инсекти мигрираат низ тесен премин во Пиринеите, оставајќи слика на мрачен летечки килим и испуштајќи низок и длабок звук на брмчење.
Тим британски научници го проучувал феноменот во последните четири години, заклучувајќи дека повеќе од 17 милиони инсекти летаат секоја година низ 30 метри широкиот премин Пуерто де Бухаруело на француско-шпанската граница.
„Тоа е нешто навистина магично“, вели Вил Хокс од Центарот за екологија и конзервација на Универзитетот во Ексетер.
Феноменот кој се одвива на надморска височина од 2.273 метри првпат бил откриен од британските орнитолози Елизабет и Дејвид Лек во 1950.
„Повеќе од 80 години подоцна, огромен број инсекти и натаму мигрира низ овој премин. Тие го почнуваат патувањето подалеку на север во Европа и го продолжуваат на југ во Шпанија, а можеби и подалеку. Имаше денови кога бројот на мувите беше 3.000 единки на метар во минута“, кажа Хокс.
Покрај мувите, тимот набљудувал и разни видови пеперутки, користејќи мрежи, камери и голо око за да го процени нивниот број.
„Чудо на природата е толку многу инсекти свесно да се движат истовремено во иста насока“, изјави водачот на истражувањето Карл Вотон.