Стрип издавачот „Бункер“ го издаде десеттиот графички роман, „Чанбара“ од италијанскиот авторски тандем Роберто Рекиони (сценарист и долгогодишен главен уредник на „Дилан Дог“) и Андреа Акарди (цртач на некои од најпознатите италијански стрипови, како „Текс Вилер“). Романот излезе во едицијата „Апсолутни почетници“.
Се работи за поново остварување на италијанскиот издавачки гигант „Серџо Бонели“, кој е познат по популарните јунаци Дилан Дог, Марти Мистерија, Загор, Текс Вилер и Мистер Но.
Од „Бункер“ велат дека чанбара на јапонски сленг означува борба со мечови и има посебно место во златната ера на јапонскиот филм меѓу 1940-тите и 1960-тите.
Македонскиот превод на делото е печатен во форма на репрезентативно библиофилско издание во тврд повез и боја. Преводот од италијански јазик е на Искра Димковска, а лектурата на Татјана Б. Ефтимоска. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски.