РОБИН ВИЛИЈАМС МИ ПОМОГНА ДА СЕ ИЗВЛЕЧАМ ОД СНИМАЊЕТО КОГА МИ ЈАВИЈА ДЕКА ПОЧИНАЛ ТАТКО МИ, КАЖА САЛИ ФИЛД 10 ГОДИНИ ПО СМРТТА НА АКТЕРОТ

САД, (Фокс њујз)

Поминаа 10 години откако почина комичарот Робин Вилијамс. Смртта на оскаровецот на 11 август во 2014 ги шокираше обожавателите и колегите.

До денес, луѓето кои имаа доволно среќа да го познаваат Вилијамс лично или да соработуваат со него продолжуваат да споделуваат приказни за него. Сали Филд, колешката од филмот „Госпоѓа Даутфаер“ го нарече Вилијамс „промислен и дарежлив“ и кажа дека тој е веројатно еден од првите луѓе кои искрено зборувале за менталното здравје.

„Тој ми зборуваше за неговите борби и работите низ кои поминал. Тоа беше првпат кога си помислив: „О, јас не сум чудак, не морам да го кријам истиот проблем“, кажа Филд која во филмот на играше сопругата на Даниел Хилард.

„Никогаш претходно не ја споделив оваа приказна“, рече Филд. „Бев надвор од судницата каде што ја снимавме сцената за развод. Татко ми имаше мозочен удар пред неколку години и беше во старечки дом. Добив телефонски повик од докторот дека татко ми имал уште еден тежок мозочен удар и набрзо починал“.

Филд се обидела да ги оттргне емоциите за да ја заврши сцената, но била толку вкочанета што не можела да се натера ниту да заплаче според сценариото.

Вилијамс забележал и ја повлекол настрана, подалеку од сетот, за да ја праша дали е добро. Веднаш штом дознал дека нејзиниот татко починал, Вилијамс ѝ рекол: „Треба да те извадиме од овде веднаш“.

„Тоа е страната на Робин што луѓето ретко ја знаеја, тој беше многу чувствителен и интуитивен“, кажа Филд.

Лиза Јакуб, која ја играше постарата ќерка на Хилард (Вилијамс) во филмот, за „Фокс њуз“ изјави дека комичарот бил еден од првите луѓе што зборувал со неа за проблемите со менталното здравје.

„Прекрасно е да се сетиме на него сега“, рече Јакуб. Таа додаде дека е благодарна што можела да биде во негово присуство, што можела да работи со него, и што бил многу љубезен кон неа.