ЛЕО МАРТИН ДОБИ НАГРАДА ЗА ПЕСНАТА „ОДИСЕЈА“ НА „ОХРИД ФЕСТ“, 51 ГОДИНА ОТКАКО ЈА СНИМИ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Педесет и една година откако е снимена, „Одисеја“ на српскиот пејач Милош Јовиќ, попознат како Лео Мартин, за песната „Одисеја“, доби награда за безвременска песна на фестивалот „Охрид фест“, чија Интернационална вечер  се одржа на 31 август на сцената на Долни Сарај.

„Одисеја“ е снимена во 1973, а Лео Мартин кој има 82 години, ја испеа во Охрид и ја прими наградата.

„Порано, фестивалите беа поинакви. Со цели оркестри се пееше. Сега се пее на плејбек или на матрица, но разбирам дека е така за да полесно се организира телевизискиот пренос. Ми се чини дека сега фестивали и не постојат. Овој во Охрид, херојски го одржува Григор Копров 31 година. И ретки се други што опстојале“, рече пејачот. Тој секогаш кога има можност доаѓа во Македонија, затоа што во Скопје живее неговиот син со семејството.

„Многу одамна, учествував на Скопски фестивал и тоа со забележителен успех. Се сеќавам на песните ‘Да нема разделби’ и ‘Билјана’. Охрид е прекрасен, се радувам што повторно сум тука“, рече пејачот кој беше дел од жирито на фестивалот.

М. ЏАРОВСКА