ИЛЧО СТОЈКОВ ЗА 2 МИНУТИ ИЗЕДЕ ПАСТРМАЛИЈА И ПОБЕДИ НА НАТПРЕВАРОТ ВО БРЗО ЈАДЕЊЕ НА ШТИПСКАТА ПАСТРМАЛИЈАДА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Поранешниот градежник Илчо Стојков од Штип за 2 минути ја изеде штипската пастрмалија на традиционалниот натпревар во брзо јадење на овој штипски специјалитет и по 11. пат е победник на овој натпревар што традиционално се организира во Штип, по повод манифестацијата „Штипска пастрмалијада“.

„ Додека другите конкуренти уште јадеа, јас веќе давав интервју за мојата 11 последователна победа на натпреварот во брзо јадење пастрмалија“, рече годинашниов најбрз јадач на познатиот штипски сепцијалитет.

„Набрзина и во рекордно време ја изедов пастрмалијата и и мислам дека откако ќе ми легне, ќе можам да запеам крај главната бина заедно со Јордан Митев кој е мој омилен пејач, но подоцна ако не е доцна, околу полноќ и со главната звезда на вечерта, хрватскиот пејач Петар Грашо“, рече Стојков.

На 20 септемеври, пекарот Николче Малинов како донација на Штипската пастрмајлијада приготви џиновска пастрмалија долга два метри и широка 1,20 метри за отварање на настанот.

Традиционалната манифестација годинава се одржува по 16 пат, годинава на улицата „Ванчо Прќе“ во центарот на Штип која се адаптираше во шеталиште. На истото место се одржа и првата Пастрмалијада пред 16 години.

Првиот ден настапија Антониа Гиговска, Дани Димитровска, и „Фис бенд“ , а вечерва (21 септември) се „Дупер“, Жаре Бербер, Јордан Митев, „Лексингтон бенд“ од Белград и хрватскиот пејач Петар Грашо.

Т. ЈОВАНОВСКИ