АТИЏЕ ЖИВЕЕ ЗА ДА ПЕЕ, ТОА БИЛА ПОСЛЕДНАТА ЖЕЛБА НА МАЈКА Ѝ, ВЕЛИ СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА, КОЈА ГО ВОДИ ХОРОТ „ФРИДА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Атиџе Муратова од светиниколското село Дурфулија, славната медарка од документарецот со две номинации за Оскар „Медена земја“, стана почесна членка на женскиот хор „Фрида“, кој го основаше пејачката и наставничка по музичко образование Сузана Турунџиева.

„Атиџе ни е почесен член на ‘Фрида‘. За жал, не може редовно да присуствува на проби, ама еднаш во два месеца ќе биде вклучена на нашите настани, работилници, концерти“, вели Турунџиева.

Таа и Муратова во 2022 го снимија албумот „Пола тебе, пола мене“, со симболичен наслов кој потсетува на девизата на Атиџе од „Медена земја“, пола на нас, пола на пчелите.

„Со огромна радост таа им го потпишуваше албумот ‘Пола тебе, пола мене’ на членките на хорот и ги отпеа нејзините песни. Одлично се снајде меѓу ‘Фридите’ и убаво ѝ е. Сега се спремаме сите да ѝ отидеме на гости, да нѐ прошета низ Овчеполието“, ни рече Турунџиева, која диригира со хорот и го избира репертоарот.

„Атиџе живее за да пее. Нејзиниот сон, а и последната желба на мајка ѝ Назифе, бил да продолжи да пее и по нејзината смрт“, додава Турунџиева.

Сузана Турунџиева и Атиџе Муратова на проба со хорот „Фрида“ (Фото: Фејсбук)

Таа го основа хорот „Фрида“ минатата година за жени над 40 години и ни рече дека тоа ѝ била желба од поодамна. Инспирацијата за името на хорот е од прочуената мексиканска сликарка Фрида Кало, која како мала имала деформација на рбетниот столб. Подоцна доживеала сообраќајна несреќа, при што се здобила со фрактура на рбетниот столб. Турунџиева вели дека отсекогаш ја инспирирала приказната за храброста на Кало.

„Нејзината страст за животот, наспроти тагата и болката кои ја заробиле во неподвижна состојба, во која ги направила најграндиозните автопортрети, ми беше мотив да истражувам многу за неа и да ѝ се восхитувам“, кажа Туринџиева.

М. ЏАРОВСКА