Актерот Колин Фарел собра 774.000 евра за добротворна организација која поддржува луѓе со ретко заболување на кожата, откако го истрча маратонот во Даблин, туркајќи жена во количка дел од трката.
Фарел, кој е роден во Даблин, трчаше во име на организацијата „Дебра“, која им помага на луѓето со неизлечивата генетска состојба булозна епидермолиза, која ја прави кожата многу кревка и создава плускавци. Тој притоа ја туркаше неговата пријателка Ема Фогарти (40) во последните четири километри од трката, по еден километар за секоја деценија од нејзиниот живот со оваа состојба. Таа нежно го прегрна Фарел по влегувањето во целта, каде што беа поздравени со бурни аплаузи.
„Поддршката беше неверојатна и ти даваше поттик да трчаш побрзо одошто инаку би трчал“, кажа Фарел, кој го истрча маратонот за четири часа и шест минути.
Фогарти е родена без кожа на левото стапало и десната рака и може да развие болни плускавци и при најлесен допир.
„Ја познавам Ема многу години и таа е олицетворение на храброст и одлучност. Тоа трчање не беше ништо во споредба со болката што таа е принудена да ја трпи секој ден, иако не го покажува тоа“, изјави Фарел.
(Фото: Шатерсток)