МАКФЕСТ ГИ ВРАТИ ПЕЈАЧИТЕ КОИ ДОЛГО НЕ ПЕЕЛЕ, КАЖА РОБЕРТ САЗДОВ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Групата „Артефакт“, Тамара Грујеска, Елена Наумова, Теа Златева, Анастасија Спасевска и Драгана Јовановска се шесте финалисти од првата вечер на 41. издание на Макфест, кој се одржува во Штип. Тие беа избрани со гласови од публиката и жирито, а вечерва (31 октомври) ќе настапат заедно со 12-те претходно избрани пејачи.

Во ревијалниот дел од првата вечер, Антониа Гиговска одржа музичко шоу со акустични изведби на своите песни и на некои од најголемите хитови во историјата на Макфест.

„Вчера имавме уште една успешна вечер на Макфест. Шест песни од првата вечер продолжуваат во финалето, каде што ќе слушнеме вкупно 18 песни. Се надевам дека ќе имаме извонредна вечер. Макфест врати пејачи кои долго не пееле“, рече Роберт Саздов, уметнички директор на фестивалот, на денешната прес-конференција.

Во финалето ќе настапат и Агни Авшар, Наташа Малинкова, Марија Данева, Викторија Лоба, Јован Јованов и Тони Зен, Теа Трајковска, Марија Спасовска, Ристо Самарџиев, Елвир Мекиќ, Врчак и Симона Поповска, Огнен Здравковски и Давид Темелков.

Илија Ќосевски, шеф на камерниот оркестар, најави разновидна музичка програма и повика на поголема поддршка за младите пејачи.

„Вечерва имаме разновидни песни, за сечиј вкус. Би ги замолил сите поддржувачи на македонската музика, медиумите и слушателите да им дадат максимална поддршка на шесте дебитанти. Вчера слушнавме многу добри вокали, а вечерва очекуваме убава програма“, рече Ќосевски.

Тој додаде дека за настапите на поискусните пејачи е подготвена дополнителна музичка подлога за подобар звук на фестивалската сцена, додека нивните студиски снимки остануваат непроменети.

Финалната вечер на Макфест ќе се одржи во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип.

М. ЏАРОВСКА