Јапонскиот уметник Лито креира нежни дизајни на паднати лисја, давајќи им нов живот. Деликатната уметност на Лито, со која почна да се занимава во 2020 и ја објавува на социјалните мрежи речиси секојдневно, има обожаватели во целиот свет.
Уметноста на лисја, исто така, му даде утеха по претходните борби со нарушувањето АДХД и цел во животот – да ги прави луѓето среќни со неговите дела.
Тој ужива да работи ноќе. Од куп лисја избира еден и го става на даска за сечење. Прво со пенкало го исцртува дизајнот на листот, а потоа со дизајнерски нож почнува внимателно да го сече. Полека, листот почнува да добива облик на жаба која држи чадор, како што покажа во репортажата на новинската агенција АП.
Најсложената работа на еден лист може да трае и повеќе од осум часа.
Откако поради своето нарушување, кое му било дијагностицирано дури на 30 години, не успеал да се вклопи во она што се смета за норма во училиште или на работа, Лито одлучил да се прилагоди на животот. Во почетокот на 2020 ја открил уметноста на сечење лисја и веста за неговите вештини брзо се проширила на интернет. Тој оттогаш објавил книги за неговата работа и одржал самостојни изложби низ Јапонија.
„Ако ги правам луѓето среќни со мојата работа, тогаш сакам да правам уште. Тоа е мојата движечка сила сега“, вели Лито, кој не го открива своето вистинско име.