„Кроација рекордс“ објави спот за новата верзија на хитот на „Леб и сол“, „Чукни во дрво“, снимена од триото на Влатко Стефановски. Песната ќе се најде на албумот „Лондонски сесии“ (London Sessions), што ќе биде објавен на 6 декември.
Спотот се состои од снимки од снимањето на албумот во легендарното студио „Аби роуд“ во Лондон. Покрај Стефановски, во триото се и неговиот син Јан на тапани и хрватскиот контрабасист Тихомир Хојсак, а гостуваат Дамир Имери на клавијатури и Горан Мартинац како пратечки вокал.
Влатко Стефановски претходно најави дека на албумот ќе има 22 песни, меѓу кои и една обработка од „Битлс“.
„Во култното студио ги посетивме сите ходници, ги видовме сите инструменти и, да кажам, светите места каде што работеа ‘Битлс’. Огромна мотивација е да се снима на вакво место, а исто така е ретко искуство. Успеавме да снимиме 22 песни за два дена“, рече Стефановски.
„Чукни во дрво“ оригинално излезе во 1989 како дел од десеттиот албум на „Леб и сол“, „Патуваме“ (Putujemo).