ОСТРОВСКАТА ДРЖАВА КИРИБАТИ ПРВА ЈА ПРЕЧЕКА 2025 ГОДИНА, НА ЦЕЛАТА ПЛАНЕТА ЌЕ Ѝ ТРЕБААТ 26 ЧАСА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Светот почна да ѝ кажува збогум на 2024 година и постепено да влегува во 2025.

Традиционално, честа први да ја прослават новата година ја имаат мали тихоокеански нации. Тоа се случи во 11 часот по македонско време, кога жителите на Кирибати ја пречекаа 2025, следени од Самоа и Тонга.

Бидејќи има 39 различни временски зони, на целата планета ѝ требаат 26 часа за да влезе во новата година, од кои последното населено место е Американска Самоа. Таа и Самоа се разделени со само еден час лет, но се наоѓаат на различни страни од Меѓународната датумска линија во Тихиот Океан, па оттука и големата временска разлика.

Ненаселениот американски остров Бејкер, оддалечен 2.200 километри од Кирибати, е последното место на светот каде што доаѓа новата година. На Кирибати тогаш веќе ќе биде 2 јануари.