НАЈДОВ ПОРАКА ОД МЕТЈУ ПЕРИ КОЈА ЈА НЕМАВ ОТВОРЕНО 20 ГОДИНИ, РЕЧЕ ЛИСА КУДРОУ

САД, (Пипл)

Актерката Лиса Кудроу во шоуто на Дру Баримор зборуваше за починатиот колега од хит-серијата „Пријатели“ Метју Пери. Таа рече дека открила негова порака во тегла за колачиња од времето кога се снимала последната епизода во 2004.

„Метју ми го даде тоа на крајот од последната епизода. Неодамна го најдов ливчето со порака што ја немав отворено и имав заборавено на тоа. Тајмингот е сè“, кажа Кудроу без да открие што има во пораката.

Набргу по смртта на Пери, Кудроу напиша емотивна посвета за него на Инстаграм.

„Ти благодарам што ме насмеа толку силно со нешто што го кажа, што ме болеа мускулите и солзи ми се слеваа по лицето“.

Пери почина на 28 октомври 2023 на 54 години од предозирање со кетамин. Пет лица, од кои двајца лекари, асистентот на Пери, ТВ-продуцент и жена наречена „кралица на кетаминот“, беа уапсени и обвинети дека го снабдувале Пери со лекови, што довело до неговото фатално предозирање.

(Фото: Гети)