ТРОЈЦА АНГЛИЧАНИ ЗА РЕКОРДНО ВРЕМЕ ИЗОДЕЛЕ 640 КИЛОМЕТРИ ПО БАЈКАЛСКОТО ЕЗЕРО

Лондон, (Гардијан)

Тројца Англичани поставиле нов рекорд, откако за 12 дена, 21 час и 13 минути го пропешачиле целото замрзнато Бајкалско Езеро.

Авантуристите Роб Тригвел, Скот Гилмор и Мајкл Стивенсон поминале 640 километри, за што им требале 18 часа помалку од досегашниот рекорд. Во последните денови од предизвикот, тие изоделе 135 километри за 36 часа, спиејќи само два часа за тој период.

Роб Тригвел, Скот Гилмор и Мајкл Стивенсон го собориле досегашниот рекорд за 18 часа

„Последните 20 километри беа најтешки за мене. Воопшто не запревме. На крајот не ни спиевме во шаторите, туку само во вреќите“, вели 30-годишниот Тригвел.

Додека оделе, тие биле изложени на силни ветрови и на температури во распон од -30 до -10 Целзиусови степени, одржувајќи темпо од четири километри на час.

„Повеќето вакви рекорди ги држат Норвежани или Канаѓани, па е реткост кога тоа ќе го направи британски тим. Беше големо олеснување кога стигнавме на целта. Се немав погледнато во огледало две недели и изгледав ужасно“, додаде Тригвел.

Додека оделе, биле изложени на силни ветрови и на температури во распон од -30 до -10 Целзиусови степени

Бидејќи немале поддршка од никого, тие целата опрема, храната за 16 дена и ѓубрето сами ги носеле. Притоа влечеле санки, кои тежат меѓу 37 и 70 килограми, што значи дека дневно им требале пет-шест илјади калории.

Бајкал е едно од 17-те древни светски езера, кое постојано има вода во последните два милиона години.