ПОРАНО ИМАВМЕ ПОМАЛКУ, НО ДУШИТЕ НИ БЕА ПОВЕСЕЛИ, РЕЧЕ ДЕНИС ДИМОСКИ НА КОНЦЕРТОТ НА ШЛАГЕРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Евергрини од Македонија и поранешна Југославија се пееја на концертот „Шлаг шлагери – Ко некад у 8“, кој се одржа на мостот кај Македонскиот народен театар (МНТ) во рамките на фестивалот Скопско лето.

Вера Јанковиќ (Фото: К. Попов)

Убаво избрани песни од златното време на 1950-тите, 1960-тите, 1970-тите и 1980-тите пееја Вера Јанковиќ, која беше и водителка на настанот, Андријана Јаневска, Ана Петановска, Маја Панчева, Денис Димоски, Александар Тарабунов, Васко Здравков, Теа Пејиќ и оперскиот пејач и универзитетски професор Оливер Њего од Белград, кој е роден и се школувал во Скопје. Свиреше оркестарот на уметничкиот центар „Полифонија“, а диригираше Иван Еминовиќ.

Концертот почна со легендарната „Свиреж во 8“ (Звиждук у 8) од Ѓорѓе Марјановиќ, снимена во 1959, а заврши со „Девојко мала“, чија прва верзија ја снимил Властимир Ѓуза Стоиљковиќ во 1958, а подоцна ја прославија „Идоли“.

Андријана Јаневска (Фото: К. Попов)

Вера Јанковиќ низ оригинално сценарио во свој стил ги најавуваше песните и пејачите и рече дека само музиката може да ги обедини луѓето на најубав начин. Емотивен настап со песната „Некои нови клинци“ (Неки нови клинци) имаше Денис Димоски (фото), а песната му ја посвети на починатиот дедо.

„Оваа песна ме потсетува на раното детство кога поминував квалитетно време со дедо ми. Тогаш имавме помалку, но душите ни беа повесели“, рече Димоски.

Александар Тарабунов (Фото: К. Попов)

Публиката ги запеа хитовите од Јадранка Стојаковиќ, Арсен Дедиќ, Бисера Велетанлиќ, Драган Стојниќ, Здравко Чолиќ, Оливер Мандиќ, Ѓорѓе Балашевиќ, Зафир Хаџиманов, Драган Мијалковски, Маја Оџаклиевска, Ана Костовска и други. Ова беше еден од најубавите и најполни концерти на отворено во последно време во Скопје, со публика од сите генерации.

Маја Гроздановска- Панчева (Фото: К. Попов)

Со настанот се одбележаа 20 години постоење и хуманитарна работа на Српскиот културно-информативен центар „Спона“ од Скопје, кој го организираше концертот заедно со уметничкиот центар „Полифонија“.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. ПОПОВ