Петнаесетгодишниот Овен Купер стана најмладиот актер кој некогаш освоил награда Еми, во ноќ во која доминираше хит-драмата на „Нетфликс“, „Адолесценција“. Тој доби награда за најдобра споредна улога во минисерија за неговата улога на ученик обвинет за убиство на соученичка.
Драмата со четири епизоди, исто така, освои награди за најдобра минисерија, режија и сценарио, а покрај Купер, беа наградени и актерите Стивен Греам и Ерин Доерти.
„Кога започнав со часовите по глума пред неколку години, не очекував ниту да бидам во САД, а камоли тука. Мислам дека оваа вечер докажува дека ако слушате, ако се фокусирате и ако излезете од вашата зона на удобност, можете да постигнете сè во животот“, кажа Купер, кој го игра тинејџерот Џејми Милер.
Купер го сруши рекордот на Скот Џејкоби, кој на 16 години освои Еми во 1973 за „That Certain Summer“. Роксана Зал останува најмладиот победник меѓу актерите воопшто. Таа имаше 14 години кога освои Еми во 1984 за „Нешто за Амелија“.
Во исто време, „Питсбург“ доби Еми за најдобра драмска, а „Студио“ за најдобра хумористична серија. За најдобри актери во драма се прогласени Ноа Вајл за „Питсбург“ и Брит Лоуер за „Раздвојување“, а во комедија Сет Роген за „Студио“ и Џин Смарт за „Трикови“.
(Фото: Гети)