Концерт посветен на Влада Дивљан ќе се одржи во Филхармонијата на 17 ноември, објави „Пасворд продукција“. Насловен „Имам само една љубов“, на концертот ќе настапат пријателите на Дивљан од неговата „Невладина организација“, при што ќе ги изведат хитовите од сите фази на неговата кариера.
Оваа година се одбележуваат десет години од смртта на Дивљан, еден од најхаризматичните рок музичари во поранешна Југославија, што беше повод за ваква балканска турнеја.
Дивљан (1958-2015) ја почна музичката кариера кон крајот на 1970-тите, а се прослави како фронтмен на групата „Идоли“, еден од предводниците на југословенскиот нов бран. „Идоли“ снимија два албума пред да се распаднат во 1984, по што Дивљан почна соло кариера, што опфати и филмска музика. Од 1991 главно живееше во странство, прво во Сиднеј, па во Виена, каде што и почина.