ЛИДИЈА ТАНУШЕВСКА ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „ДРАГИ“ ЗА НАЈДОБАР ПРЕВОД НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Лидија Танушевска ја доби наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик за 2025, за преводот од полски јазик на делото „Емпусион“ од авторката Олга Токарчук, во издание на „Антолог“.

Комисијата за доделување на наградата во состав проф. д-р Анастасија Ѓурчинова – претставник од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, д-р Јана Михајловска – член на семејството на Драги Михајловски и Иван Шопов – претставник одбран од издавачката куќа „Антолог“ избираше од петмина финалисти.

„При преведувањето на романот ‘Емпусион’, Танушевска мошне успешно се справила со сложениот и сериозен предизвик на пренесување на стилските особености, јазичните структури и културолошките слоеви од полскиот оригинал во македонскиот превод. Забележливо е вниманието што преведувачката го посветила на авторските стил, ритам и лексика и на тоновите, нијансите и контекстите, трудејќи се автентично да ја вклопи сложената наративна граѓа на Токарчук во ткаењето на македонски јазик“, стои во образложението на жирито.

Наградата „Драги“ беше востановена во 2022, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор.