ВИКТОРИЈА МИ ГО ДИЗАЈНИРАШЕ КОСТУМОТ ШТО ГО НОСЕВ НА ДОДЕЛУВАЊЕТО НА ТИТУЛАТА СЕР, ВЕЛИ ДЕЈВИД БЕКАМ

Лондон, (Би-Би-Си)

Поранешниот капитен на фудбалската репрезентација на Англија, Дејвид Бекам, официјално е прогласен за витез за неговите заслуги за фудбалот и британското општество. Бекам, кој беше именуван на списокот на почести за роденденот на кралот Чарлс претходно оваа година, ја доби титулата сер на церемонија во Беркшир.

„Не би можел да бидам погорд. Луѓето знаат колку сум патриот, ја сакам мојата земја. Секогаш велам колку е важна монархијата за моето семејство. Имам среќа што патувам низ светот и што луѓето сакаат да разговараат со мене за нашата монархија. Тоа ме прави горд“, рече Бекам.

Фото: ПА

На Бекам му се придружија сопругата Викторија и родителите Сандра и Дејвид во замокот Виндзор.

Викторија Бекам, која доби Орден на британската монархија во 2017 за заслуги во модната индустрија, го дизајнираше костумот што го носеше нејзиниот сопруг на церемонијата.

„Викторија ми го дизајнираше костумот, а кралот Чарлс беше импресиониран“, рече Бекам.

Бекам играше 115 пати за Англија и беше капитен од 2000 до 2006. Поранешниот играч од средниот ред на Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид настапи на три светски и на две европски првенства.