Мислам дека е послатка од мене, кажа актерката Рене Зелвегер на отворањето на статуата на Бриџит Џонс во централен Лондон.
Бронзената статуа се придружи на други легендарни филмски ликови на плоштадот Лестер, како Бетмен, Индијана Џонс, Хари Потер, Мери Попинс и Чарли Чаплин. Ликот на Бриџит Џонс е создаден од британската писателка Хелен Филдинг во 1996 и според него се снимени четири филма, првиот во 2001.
„Секој може да се поврзе со Бриџит, што ја објаснува нејзината огромна привлечност. Тоа е нејзината ранливост, нејзината човечност. Се препознаваме себеси во неа, во нејзините борби. Во ред е да се биде автентичен, несовршен“, кажа Зелвегер.
Филдинг не ја отфрли можноста за продолжување на приказната, иако претходно призна дека некои делови од книгите не созреале добро.
„‘Дневникот на Бриџит Џонс‘ не би можела да се напише сега, да се смести во ова време, бидејќи сите тие мажи во канцеларијата ќе беа отпуштени. Тоа беше навистина поинакво време“, рече Филдинг.