ТАТКОТО НА СМУТ ЏЕЗОТ БОБ ЏЕЈМС ВЕЧЕРВА СО ЕДЕН КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Боб Џејмс, таканаречениот татко на смут џезот, вечерва место најавените два ќе одржи еден концерт во Македонската филхармонија, со почеток во 19.30. Организаторите најавија дека билетите за планраниот втор концерт што беше закажан за 22 часот ќе важат за оној од 19.30.

Седумдесет и осумгодишниот американски пијанист ќе настапи со своето трио, при што ќе го придружуваат басистот Мајкл Палацоло и тапанарот Патрик Вилијамс. Џејмс уште на четиригодишна возраст почнал да свири пијано, а додека студирал на музичкиот колеџ Беркли во Бостон бил откриен од легендарниот продуцент Квинси Џонс. Токму тој му овозможил на Џејмс да го сними својот прв албум.

Во текот на кариерата, Џејмс снимил повеќе од 50 албуми, што соло, што во соработка со други музичари, но и како дел од квартетот „Форплеј“, од кои последниот излезе во 2015 година.

Џејмс е добитник на две Греми награди, а неговата музика има извршено големо влијание врз хип хопот.

Вечерашниот ексклузивен концерт е во организација на концертната агенција и продукција „3Гонга“. Билетите се во продажба преку мрежата на „Купи карти за сѐ“ и на билетарницата на Македонската филхармонија.