Во источна Кина е отворен голем филмски студиски комплекс, со тематски парк, клуб на јахти и хотел. Кинеската фирма „Далијан Ванда“ инвестираше 7,9 милијарди долари во филмскиот град Кингдао и се надева дека ќе привлече странски продуценти во земјата.

Комплексот се простира на над 400 хектари и вклучува најсовремени продукциски капацитети. Ванг Џијанлин, претседател на „Ванда“, вели дека ќе го претвори Кингдао во глобален центар за филм.

„Ние ќе го зголемиме развојот на кинеската филмска индустрија. Ова е најголемата инвестиција во светската филмска и ТВ-индустрија досега“, кажа тој на официјалното отворање на комплексот.

Комплексот се простира на над 400 хектари и вклучува најсовремени продукциски капацитети (Фото: Ројтерс)

Комплексот содржи голем трговски центар, ресторани и кино сали, досега најголеми во Азија. Кингдао ги отвори своите први студија во 2016 година и досега беше домаќин на неколку холивудски продукции, вклучувајќи го и филмот „Големиот ѕид“ со Мет Дејмон.

Во 2016 година, фирмата кажа дека на странските филмски и ТВ-компании ќе им даде големи попусти доколку снимаат филмови во студијата на Кингдао.

Компанијата, исто така, го купи американското студио „Легендарна забава“, кое стои зад „Светот на Јура“, последната трилогија „Бетмен“ и „Годзила“.