Музичкиот фестивал „Скрим“ годинава ќе се одржи на 7 ноември во салата „Борис Трајковски“, објави продукцијата „Прагма“. Главна ѕвезда ќе биде шкотската пејачка Емели Санде, која за првпат доаѓа во Македонија.
„Концертот на Емели Санде во Скопје ќе се реализира во рамките на ‘Скрим фестивал’, кој ќе вклучи и други внимателно одбрани музичари“, велат од „Прагма“.
На претходните изданија на фестивалот настапуваа групи и музичари од Македонија и од поранешна Југославија, како Влатко Стефановски со неговото трио, „Галија“, „Црвена јабука“, „Прљаво казалиште“, „Рибља чорба“ и „Парни ваљак“. Годинава за првпат ќе гостуваат музичари кои се пошироко познати.
Адел Емили Санде, родена на 10 март 1987, е шкотска пејачка и текстописец. Стана популарна со нејзиното гостување во синглот на „Чипманкс“ од 2009, „Дијамантски прстени“ (Diamond Rings), кој се искачи меѓу првите десет на британската топ-листа.
Првиот соло сингл „Рај“ (Heaven) го издаде во 2011. Нејзиниот деби албум десет недели беше на врвот на британската топ-листа, се продаде во милион примероци и стана најпродаваниот британски албум во 2012. Нејзиниот најголем хит е „Next to Me“.
Билетите се во продажба преку мрежата на Купи карта.