На 11 март од 11 часот, во аудиториумот на Архитектонскиот факултет во Скопје ќе се одржи мастерклас по архитектура и дизајн со „Simone Micheli Architectural Hero“, една од најреномираните и најнаградувани архитектонски куќи во Италија. Ќе го одржи Роберта Кола (фото), извршна директорка на компанијата.
Мастеркласот се одржува во рамките на Денот на италијански дизајн во светот, а го организираат Амбасадата на Италија и Италијанската трговска агенција во Скопје, во соработка со Архитектонскиот факултет во Скопје.
„Simone Micheli“ е дизајнерска фирма со канцеларии во Фиренца, Милано, Дубаи, Рабат и Бусан, основана во 2003 од Симоне Микели и Роберта Кола.
Темата на овогодинешното издание на Денот на италијански дизајн во светот е „Редизајн: Регенерирање на простори, објекти, идеи”, со фокус на користење на дизајнот за обновување и подобрување на урбаните средини, објекти и социјални врски. Мастеркласот е наменет за професионални архитекти, дизајнери, професори и студенти, а влезот е бесплатен.