„ГЛУМЦИТЕ ПЕАТ“ СО МАКЕДОНСКИ ХИТОВИ И ПОВЕЌЕ ОД 50 УМЕТНИЦИ НА СЦЕНАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Повеќе од 50 уметници ќе настапат на манифестацијата „Глумците пеат“, што ќе се одржи утре и задутре (24 и 25  март) од 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ).

„Оваа година програмата е посветена на македонската музика, песни што публиката добро ги знае, но ќе ги слушне поинаку. Форматот го става актерот во поинаква улога, каде музиката станува личен израз, а препознатливите композиции добиваат нов живот низ соло изведби, дуети и групни точки“, велат организаторите.

Годинава за првпат ќе пеат Владимир Петровиќ, Григор Јовановски, Стефан Спасов, Денис Абдула, Анастасија Трајковска и Катерина Јовановиќ, кои ќе настапат заедно со веќе препознатливите актери кои учествувале во шоуто: Игор Ангелов, Рубенс Муратовски, Весна Петрушевска, Билјана Драгичевиќ-Пројковска, Петар Горко, Сања Арсовска, Катерина Илиевска-Силјановска, Калина Наумовска, Марина Поп-Панкова, Слаѓана Вујошевиќ, Маја Андоновска-Илијевски, Гордана Ендровска, Емилија Мицевска, Трајанка Илиева-Велиќ, Нина Деан, Наталија Теодосиева, Тина Трпкоска, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Антонио Ташковски и Горан Ников.

Режијата е на Дејан Пројковски, а актерите ќе ги придружува голем оркестар со кој ќе диригира маестро Љупчо Мирковски. Аранжманите се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, а костимографијата на Марија Пупучевска.

„Се радуваме што и годинава публиката ќе може да ја доживее оваа поинаква актерска вечер. ‘Глумците пеат’ е формат во кој актерите не раскажуваат туѓи приказни, туку преку музика покажуваат нешто лично. Се пее и се свири во живо, идеите се создаваат на пробите, а токму таа слобода му дава посебна динамика на шоуто и ја создава атмосферата по која е препознатливо“, велат организаторите.

Шоуто е наследство на Марин Бабиќ, кој го создаде во 1990-тите, а денес продолжува преку неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ, кое го вратија на сцената во 2023.

Организаторите велат дека двете вечери се речиси распродадени, а преостанатите билети се достапни преку МК тикетс и во книжарниците на „Литература.мк“.