„Нетфликс“ планира светска турнеја за „К-поп ловци на демони“, со цел да го искористи успехот на својот најпопуларен филм, објави „Блумберг њуз“.
„К поп ловци на демони“ освои Оскар за најдобар анимиран филм, заокружувајќи го големиот успех откако стана најгледаниот филм на „Нетфликс“ по излегувањето во 2025. Песната од филмот „Златна“ (Golden) освои Оскар за најдобра оригинална песна.
Според изворот на „Блумберг“, „Нетфликс“ преговара со концертни промотери за организирање шоу со изведби на песните од филмот. Тие разговараат за турнеја што би опфатила десетици големи градови, со настапи во арени со капацитет од 10.000 до 20.000 посетители.
Целта е да се настапува низ светот следната година, пред објавувањето на продолжението на анимираниот филм.
„Нетфликс“ сè уште нема избрано промотер, но веќе му биле понудени десетици милиони долари однапред како гаранција. Портпаролката на „Нетфликс“ немаше коментар.
(Фото: „Нетфликс“)