АЛЕКСАНДАР ПЕНДАРОСКИ И МАРТИНА МИХАЈЛОВА СЕ ЗЕТОТ И НЕВЕСТАТА НА ГАЛИЧКАТА СВАДБА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

За зет и невеста на годинашната Галичка свадба се избрани Александар Пендароски и Мартина Михајлова, објави Советот на Месната заедница Галичник

„Годинава интересот беше исклучително голем, со повеќе квалитетни и искрени пријави, што ја направи одлуката особено предизвикувачка. Она што особено се истакна во нивната апликација е длабоката и искрена поврзаност со Галичник како место кое не го доживуваат само како традиција, туку како дом, спомен и животна припадност“, велат од Советот на МЗ Галичник.

Дополнителна симболика и тежина на нивниот избор дава фактот што оваа година се одбележуваат 35 години од првата современа Галичка свадба, кога биле венчани родителите на Александар. За нив, ова претставува продолжување на една семејна традиција.

Галичка свадба традиционално се одржува викендот околу празникот Петровден, кој е на 12 јули.