ЕВА ЛОНГОРИЈА ЈА СПОДЕЛИ НАШАТА ПЕСНА, ВЕЛАТ ОД „КАФЕ ДЕ АНАТОЛИЈА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Холивудската актерка Ева Лонгорија ја објави песната „Романтика“ на македонскиот состав „Кафе де Анатолија“ на Инстаграм.

Актерката, позната по улогата во серијата „Очајни домаќинки“, ја сподели песната за време на престојот на Филмскиот фестивал во Кан минатата година и уште неколкупати потоа. а членовите на „Кафе де Анатолија“ дознале пред неколку дена.

„Бевме воодушевени што нашата музика станува вирална, а ѕвезди како Ева Лонгорија ја споделуваат. Навистина сме благодарни. Ни пратија видео од нејзина објава од Канскиот фестивал и така дознавме дека ја споделила нашата песна, која стана моментален хит. Благодарни сме што нашиот труд е препознаен дури и од Холивуд“, велат од составот.

Бевме воодушевени што нашата музика станува вирална, а ѕвезди како Ева Лонгорија и Роналдо ја споделуваат, велат од „Кафе де Анатолија“ (Фото: Инстаграм)

Песната претходно го привлекла вниманието на фудбалерот Кристиано Роналдо и на Шеиха Махра, принцезата на Дубаи, ќерката на шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум. Махра ја споделила песната „Медитеранео“ од Били Естебан, еден од основачите на „Кафе де Анатолија“.

Составот е основан во 2017 од таткото Зоран Илиев и ќерката и синот, Моника Илиева и Никола Илиев.

По соработката со домашни и странски диџеи и продуценти и по настапите низ целиот свет, продукциската куќа „Кафе де Анатолија“ од Виничко стана меѓународно позната.

Сега работат со над 4.000 диџеи и продуценти од целиот свет, меѓу кои Армен Миран, Меркан Деде, Зума Динос и други.

„Хаус музиката со етно елементи од различни култури од целиот свет, не само од Македонија. станува тренд во музичката индустрија, а ние сме едни од главните промотори“, велат од „Кафе де Анатолија“.

М. ЏАРОВСКА