ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ ЈА НАЈАВИ ПРЕМИЕРАТА НА „ПАТОТ НА БАБА ЈАГА“, СПОРЕД ТЕКСТ НА ХАНА КОРНЕТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Театарот за деца и младинци во Скопје ја најави својата нова премиера, „Патот на Баба Јага“, што ќе се одржи на 24 јуни. Режијата е на Хана Миленковска, а авторка е Хана Корнети, која кажа дека ова е нејзиното прво дело кое се поставува во театар.

Драго ми е што поставуваме современ македонски драмски текст за деца, напишан на македонски јазик, кој не е превод од некој странски автор. Имавме привилегија да ја имаме авторката со нас во процесот и се надевам дека успеавме да создадеме заедно едно силно, кохерентно дело за деца на возраст меѓу 9 и 14 години“, кажа Миленковска.

Играат Никола Наковски, Анастасија Ласовска, Симона Спировска, Емра Куртишова-Стојанова, Петар Стојанов и Изабела Новотни. Сценографијата е на Кирил Василев, костимите на Иван Ивановиќ, кореографијата на Бобан Русески, а музиката ја напиша Ади Имери.

Што да прави принцот Ефтим кога за еден ден сакаат да го крунисаат, а тој воопшто не сака да биде крал, туку сака да биде поет? Чепкајќи низ книгите на неговата сестра Евгенија, Ефтим случајно наоѓа магиски прирачник и не сакајќи, во обид да избега од крунисувањето, се претвора во кукавица. Евгенија го води кај старата, мудра вештерка Баба Јага во шумата за да го врати во човечка форма“, се вели во најавата на претставата.