ДА МИ КАЖЕШЕ НЕКОЈ ДЕКА НА 61 ГОДИНА ПАК ЌЕ СНИМАМ СО РОСАНА И ЌЕ ВОЗАМ КОЛИЧКИ ВО ЛУНАПАРК, НЕМАШЕ ДА ВЕРУВАМ, ВЕЛИ МАРИЈАНА НОВАЧЕВСКА ЗА ПЕСНАТА „ЗАСЕКОГАШ МЛАДИ“ СО ДАЦ И АЛЕКСАНДАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По повеќе од дваесет години, сестрите близначки Маријана и Росана снимија заедничка песна. Заедно со Дац и Александар ја објавија „Засекогаш млади“ и велат дека телефоните не престануваат да ѕвонат, а честитките пристигнуваат од сите страни.

„Многу сме среќни што се случи оваа песна. Телефоните постојано ѕвонат, а честитките не запираат“, велат Драган Спасов-Дац и Александар Митевски.

Тие додаваат дека идејата да снимат песна со сестрите дошла сосема спонтано, од пријателско дружење и желба да создадат нешто што ќе остане.

Маријана Новачевска сними спот и песна со сестра ѝ Росана по 23 години (Фото: принтскрин)

„Сè започна од искрено дружење и желба да се создаде нешто убаво што ќе остане. Во една непроспиена ноќ, Александар ги започна мелодијата и текстот, Огнен Неделковски додаде од своите стихови, а Дац со своето искуство ја изгради визијата за видеото. За Александар ова беше остварување на детскиот сон, да работи со сестрите на кои им се воодушевуваше од малите екрани“, стои на фејсбук страницата на дуото.

Маријана и Росана со Тоде Новачевски во 1990-тите (Фото: принтскрин)

Спасов и Митевски велат дека Маријана и Росана во студиото влегле со голема возбуда и ја отпеале песната со целото свое срце, а завршниот звук го обликувал Дарко Димитров.

„Песната првпат ја отпеавме скришно дома во Куманово и публиката се воодушеви. Спотот го снимавме во Скопје и Куманово, враќајќи се на свој терен како деца на кои годините не им можат ништо“, велат од дуото.

Во спотот глуми и актерот Ѓорѓи Тодоровски-Трупче, сопругот на Росана Сариќ-Тодоровска. Се прикажуваат и стари снимки од настапите на Маријана и Росана од 1980-тите, заедно со легендарниот композитор Тоде Новачевски, кој ги напиша повеќето од нивните хитови. Новачевски, кој ѝ беше сопруг на Маријана, почина во Австралија во 2022.

Маријана Новачевска, која повеќе од 30 години живее во Австралија, работи во стоматолошка ординација и ретко настапува, вели дека е многу среќна за заедничката песна.

„Да ми кажуваше некој дека на 61 година пак ќе запеам со сестра ми и ќе се удираме со колички во лунапарк, немаше да поверувам. Живејте го животот, зашто нема реприза“, вели Новачевска.

На крајот, музичарите упатија благодарност до публиката.

Во спотот се појавуваат и слики од Маријана и Росана како деца (Фото: принтскрин)

Маријана и Росана беше еден од најпопуларните музички дуети во Македонија во 1980-тите и 1990-тите, со хитови кои и денес се пеат. Маријана се пресели во Австралија, каде што живее со семејството, а Росана остана во Македонија. Сестрите од Куманово во повеќе наврати зборуваа колку се блиски. Во спотот се појавуваат и слики од нивното детство, делови од постари спотови на Митевски и снимки од постари улоги на Спасов.

М. ЏАРОВСКА