Дуото Дац и Александар денеска (2 јули) ја промовираше својата прва плоча „Уште ми фалиш“, за која претходно кажа дека е со црвена боја, во знак на љубовта. Плочата му ја посветија на легендарниот радиоводител и диџеј Драган Б.Костиќ, кој почина во декември.
„Мој музички ментор секогаш бил Драган Б. Костиќ. тој многу ќе се радуваше да беше овде, но, за жал, не ја дочека оваа промоција. Затоа, плочата му ја посветуваме нему и ќе ја подариме на неговото семејство“, рече продуцентот Александар Митевски.
На промоцијата беа децата на Костиќ, Бане и Елена, која се расплака кога го доби подарокот од Дац и Александар.

„Идејата беше моја, пред сè, Александар не е растен со плочи. Јас сум растен со плочи и бев упорен да направиме една. Имаме доволно песни, дури некои не ни влегоа во изборот, затоа што немаше место. Тоа е проблемот со плочата. Имаш 40 минути, двапати по 20. Зошто плоча? Затоа што плочата не можеш да ја изгубиш како уесбе. Не можеш да ја оштетиш како цеде. Плочата останува трајно. Не велам дека со шајка не можеш да ја изгребеш, но која будала би ја гребела со шајка, нели? Во мое време сите плочи беа црни. Кога разбравме дека може ваква да биде, ја направивме црвена како бојата на љубовта“, рече актерот Драган Спасов-Дац, објаснувајќи дека целиот вовед е направен од хартија.
Издавач на плочата е „Дурис“, а соработникот на Спасов и Митевски, Душан Ристовски-Дурис, рече дека му е драго што оваа идеја се реализирала.
„Винилите секаде во светот се број еден во продажба, па, ете, и ние во Македонија, односно Дац и Александар, со своите креативност и професионализам влегоа во тој мејнстрим“, рече Ристовски.
На промоцијата дојдоа и Маријана Новачевска, која живее во Австралија, заедно со сестра ѝ Росана и нејзиниот сопруг, актерот Ѓорѓи Тодоровски-Трупче. Дац и Александар пред два дена успеаја да ги спојат Маријана и Росана на заеднички настап по долго време и најавија дека снимаат песна со двете.

„Веќе од Австралија стигаат абери што побрзо да ја направиме песната. Сите песни се правени од срце. Уживајте во нашите романтични ноти“, рече Митевски.
Новачевска рече дека ужива во Скопје и едвај чека да ја испее песната, а Росана дека ѝ е драго што соработува со дуо професионалци како Дац и Александар.
Гостите на промоцијата ги поздрави и легедарната фолк-пејачка Блага Петреска, која му се заблагодари на дуото што заедно ја снимиле песната „Серенада за Прилеп“.
М. ЏАРОВСКА