СРЕЌЕН СУМ ШТО ПОСТОЈАНО НАОЃАМ ИНСПИРАЦИЈА ЗА НОВА МУЗИКА, ВЕЛИ НИКОЛА СТОЈКОВСКИ ОД „ФИН ПРОЕКТ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Среќен сум што постојано наоѓам инспирација и мотив за создавање нова музика и за соработки со прекрасни музичари и уметници“, вели музичарот и продуцент Никола Стојковски, кој стои зад македонскиот музички проект „ФИН Проект“.

Во периодот кога е актуелен новиот албум „ФИН Проект. Во живо“, направен во соработка со „Кафе де Анатолија“ и составен од концертни изведби на неговата музика, Стојковски се навраќа и на досегашните изданија. За околу 15 години творење и настапи, „ФИН Проект“ има шест студиски и еден албум во живо, како и две ЕП-изданија. Меѓу албумите се „Битови и орнаменти/Во Македонија“, „Едно е сонцето“, „Ре:визија“, „Време. Живот. Слобода“, „ФИН Проект Оркестра“ и „Егрегор“ со Тања Царовска. ЕП-изданијата се „Инди манастир“, во соработка со Марсело Де Франчиши и „Контемплација“ со Петар Христов и Добрила Грашеска.

Никола Стојковски (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Петнаесетина години творење и концертни настапи донесоа шест студиски и еден албум во живо, како и две ЕП-изданија. Тука е и долгогодишната соработка со Горан Трајкоски-Готра“, вели Стојковски.

Во моментов тој работи на нов материјал со пејачката Орхидеја Дукова и пијанистката Билјана Петровска, а првите концерти се најавени за септември во Струмица и Битола.

„Она што во моментов го работам со нашата извонредна пејачка Орхидеја Дукова и пијанистката Билјана Петровска нè прави исклучително возбудени, бидејќи чувствуваме дека се раѓа нешто што не остава никого рамнодушен“, вели тој.

Стојковски го издвојува и мултимедијалниот проект „Културна кауза“, кој премиерно беше изведен на годинашното Скопско лето, а потоа и во Битола. До крајот на годината се планирани уште неколку изведби низ Македонија.

„Тоа е перформанс во кој преку музика, поезија, визуелна уметност и танц суптилно спојуваме комплементарни уметнички изрази кои будат посебни чувства и ја носат публиката до различни емоции и размислувања. Тука сме заедно со Дукова и Петровска, како и со нашите извонредни актери Арна Шијак и Игор Трпчески“, вели Стојковски.

За следната година музичарот најавува два нови албума, нови соработки и концерти на „ФИН Проект“, како и изведби на „Културна кауза“ низ Македонија и пошироко.

М. ЏАРОВСКА