ЏОКСИ, ЏАФЕР И ДАРИО ЈА СНИМИЈА НОВАТА ВЕРЗИЈА НА „ЉУБОВТА Е“, КОЈА ВО 2018 НЕ ВЛЕЗЕ ВО ФИНАЛЕТО НА МАКФЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музичарите Џина Папас Џокси, Мики Јовановски Џафер и Дарио снимија нова верзија на песната „Љубовта е“.

Песната првично била наменета за соработка со Џафер, a Џокси првпат ја испеал на Макфест во 2018. Тој вели дека со нов аранжман и со вратени две строфи, кои биле изоставени од фестивалската верзија, песната конечно го добила својот целосен облик.

„Песната тогаш не влезе во финалето на Макфест“, додаде Џокси.

На денешната промоција во Скопје, тој кажа дека оваа соработка е дел од неговиот проект „50 години живот со музика“.

„Кога ви тежат песните на грбот, сакате што побрзо да се ослободите од нив, да излезат и да се слушнат. Песната беше многу долга и за Макфест морав да ја скратам за две строфи, поради што тогаш многу се лутев на самиот себе. Сега ги вративме тие две строфи и ја направивме онака како што мислам дека е најдобро“, рече Џокси на промоцијата на новата верзија.

Тој раскажа дека песната ја напишал веднаш по „Златни жици“, со која настапи на изборот за македонски претставник на Евровизија и уште тогаш му ја предложил на Џафер.

„Имавме и работна средба, но поради сплет на околности, соработката остана недовршена. За мене, ова е остварување на една дамнешна желба, песната конечно да го добие обликот што долго го носев во себе“, вели Џокси.

Автор на текстот е Огнен Неделковски, кој се присети на почетоците на песната и рече дека е особено задоволен што сега е снимена во целосна верзија.

„Џокси ја масакрираше верзијата на Макфест. Но, ова е целосна верзија, уште повеќе обогатена со феноменалните вокали на Џафер и Дарио. Ја слушав неколкупати и навистина сум воодушевен“, рече Неделковски.

Мики Јовановски-Џафер се заблагодари за поканата повторно да биде дел од песната.

„Благодарен сум на Џокси и на целата екипа што повторно ме поканија за оваа песна, за овој дует, односно терцет. Благодарен сум што сме гушнати, живи и среќни“, рече Џафер.

Аранжманот го направи Валентино Скендеровски, кој рече дека неговата аранжерска и продуцентска кариера започнала токму со песна на Џокси во 1987 година.

„Првиот аранжман што сум го направил и што бил јавно објавен беше за негова песна. Тоа беше во 1987 година и бескрајно сум му благодарен за довербата. Практично, мојата аранжерска и продуцентска кариера почна со него. Едно е да имаш 50 години пејачка кариера, а друго е 50 години авторска кариера“, рече Скендеровски.

Дарио, кој исто така е дел од новата верзија, рече дека со музичарите го поврзува долгогодишно пријателство.

„Со Џокси сме сто години другари, со Џафер исто. Со Тино сме работеле многу, Огнен ги пишуваше песните на Дарио и други. Џафер е мојот музички и пејачки идол, отсекогаш бил“, рече Дарио.

Џокси најави дека проектот „50 години живот со музика“ ќе опфати соработки со дваесет македонски пејачи и инструменталисти, на концерт кој би требало да се одржи во април следната година.

„На концертот ќе гостуваат повеќе познати музичари, со кои ќе испеам нови дуетски верзии на моите песни“, кажа Џокси и најави дует со пејачката Анета Љумаковска.

М. ЏАРОВСКА