Оваа есен, неколку градови низ светот ќе прослават отворање на големи нови музеи, некои од нив со убава и фантастична архитектура како и уметноста што ќе се изложува во нив. Некои зданија, како „Лувр Абу Даби“, ќе бидат од голема важност за светот на архитектурата.
Од „Цајц“ во Кејптаун, првиот голем музеј во Африка посветен на современа уметност, па до „Музејот на Библијата“ во Вашингтон, каде што посетителите ќе можат да ја истражат градината полна со растенија кои можат да се пронајдат во Светата книга, наредните месеци ќе донесат нови места, од кои ќе може да се учи и да се добие инспирација за годините што следат.
- Со музејот „Цајц“ во Кејптаун, Африка го добива првиот музеј посветен исклучиво на модерна уметност. Просторот кој опфаќа 9.290 метри квадратни се наоѓа во историскиот комплекс “Грејн Силос“, кој беше дизајниран од светски познатиот архитект Томас Хартвик.
- Музејот „Ив Сен Лоран“ во Маракеш, Мароко, ќе ги слави животот и делото на една од најголемите фигури во модата во 20. век. Музејот, кој е дизајниран од француската фирма “Студио КО“, ќе содржи постојана колекција на делата на Сен Лоран, поставена од Кристофер Мартин. Во музејот ќе има и кафуле, галерија и ресторан.
- „Ремаи модерн“ во Саскачеван, Канада, свечено се отвора во октомври и ќе биде најновиот дом за современа уметност во оваа држава. Оваа модерна зграда, дизајнирана од канадскиот архитект Брус Кувабара, поседува големина од 12.077 метри квадратни и просторот ќе има повеќе функции.
- „Крал Абдулазиз – центар за современа уметност“ со својот футуристички дизајн е ценет од многумина љубители на архитектурата низ целиот свет. Тој ќе биде отворен кон крајот на оваа година, а се наоѓа во во Даран, Саудиска Арабија. Музејот е дизајниран од норвешка фирма и ќе биде опремен со кино, музеј, библиотека и со аудиториум.
- Институтот за современа уметност во Мајами се отвора во декември и ќе има импресивна површина од 1.858 метри квадратни, што вклушува галерии и надворешна градина со скулптури, дизајнирана од дуото Арангурен–Галегос.
- „Лувр Абу Даби“, по низа одложувања, конечно треба да биде отворен оваа есен. Проектиран од наградуваниот архитект Жан Нувел, музејот треба да биде нешто што вредеше да се чека. Тој ќе содржи колекција од 600 уметнички слики, ракописи и предмети од историски значење, а 300 ремек-дела ќе бидат позајмени од француски институции.