Музеј посветен на Ханс Кристијан Андерсен и инспириран од неговите дела ќе се отвори ова лето во данскиот град Оденсе.
Родниот град на славниот писател веќе има два музеја во негова чест, но ова е најамбициозниот проект досега, бидејќи тридимензионалниот уметнички простор ќе овозможи да се влезе во светот на неговите бајки преку архитектура, звук, светло и проекции.
Градините и зградите зафаќаат површина од 9.000 квадратни метри, а изложбата води кон неговата родна куќа. Музејот е дизајниран од јапонскиот архитект Кенго Кума.
„Идејата зад дизајнот произлегува од методот на Андерсен, каде што мал свет наеднаш се шири во поголем универзум“, вели Кума.
Просторот ќе содржи подземен музеј што ќе се испреплетува со магична градина. Кума вели дека најсовремената технологија ќе игра централна улога во целото искуство.