НОВИ МОСТОВИ КОИ ЈА ОБЕЛЕЖАА АРХИТЕКТУРАТА ВО 2020 (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Лондон, (Дезин)

Меѓу архитектонските чуда што ја обележаа 2020 година има и неколку мостови, при што особено внимание им било посветено на пешачките. Ова е изборот на некои од најдобрите мостови отворени оваа година, што го направи сајтот „Дезин“.

КИНА

Со должината од 526 метри, стаклениот мост над реката Лијанџинг во кинеската провинција Гвангдонг и официјално е признат за најдолг таков мост на светот. Тој се надвиснува 201 метар над реката, а се оди по четири и пол сантиметри дебело калено ламинирано стакло.

ПРОВИДЕНС, САД

Пешачкиот мост на реката Провиденс поврзува два парка во истоимениот американски град. Неговата челична суперструктура е обложена со дрвени панели отпорни на скапување, материјал што порано се користел во изградбата на бродови. Мостот има две нивоа, што овозможува да се биде поблиску до водата.

ЏЕНОВА

Две години по катастрофата во која загинаа 43 луѓе, Џенова доби нов мост, проектиран од прославениот италијански архитект Ренцо Пијано. „Сан Џорџо“, кој е директна врска меѓу Италија и Франција, се потпира на 18 тенки столбови од армиран бетон и е опремен со соларни панели, што му дава енергетска автономија.

КОПЕНХАГЕН

Англиски и дански архитекти го дизајнираа пешачко-велосипедскиот мост „Лиле Лангебро“, кој поминува преку пристаништето на Копенхаген. Челичниот мост, кој може да се отвори за да поминат бродови, е замислен како мирен премин преку водата, а неговиот облик потсетува на скулптура.

АНЖЕР, ФРАНЦИЈА

Дрвено-челичниот мост се заоблува додека поминува над 70 метри широк канал од шини и ја поврзува железничката станица во Анжер со хотел и парк на другата страна. Мостот е долг 150 и широк осум метри.

ЧЕНГДУ, КИНА

Новиот пешачко-велосипедски мост во кинескиот град Ченгду нуди повеќе маршрути за поминување преку реката Јин. Ова го овозможува неговиот изглед на број осум и ваквиот дизајн има за цел да го направи и функционален и рекреативен.

Идејата не ни беше реката да се помине што е можно побрзо, туку тоа да биде простор за бегство и релаксација“, појасни Том Виншман, еден од архитектите.