КРЕШЕВСКИ ХОБИТОН – ЧЕТИРИ СЕСТРИ ГРАДАТ ХОБИТСКО СЕЛО ВО БИХ

Сараево, (Ројтерс)

Четири сестри го градат првото хобитско село во југоисточна Европа на зелени ридови во централна Босна и Херцеговина, со надеж дека ќе ги привлечат фановите на книгите и филмовите „Господар на прстените“.

„Често имавме семејни собири на овие ридови и разговараме како најдобро би можеле да го искористиме овој поглед во туристички цели“, вели Милијана Миличевиќ, најстарата од четирите сестри.

Крешевски Хобитон е сместен во селото Ракова Нога близу стариот кралски и рударски град Крешево, 40-ина минути возење од Сараево.

Минатата година, 28-годишната Марија им предложила на сестрите Милијана, Ведрана и Валентина да изградат куќи во стилот на домот на Хобитите. Решиле дека куќите мора да ги вклучат особините на областа и дека секоја сестра ќе декорира една куќа по свој избор. Досега се довршени две куќи, наречени Липа и Обер, според локална пештера, а уште три се градат. Тие исто така ќе бидат именувани според локални атракции.

„Туристи од регионот и други европски земји веќе почнаа да го посетуваат селото“, вели Марија.

(Фото: Хобитон)