МУРАЛОТ СО МАРИЈА КАЛАС ВО ГРЧКИОТ ГРАД КАЛАМАТА ПРОГЛАСЕН ЗА НАЈДОБАР НА СВЕТОТ

Атина, (АП)

Долго време познат по маслинките и крајбрежниот шарм, јужниот грчки град Каламата се најде во центарот на вниманието благодарение на импозантен мурал со легендарната сопранистка Марија Калас.

Огромното уметничко дело на една истакната зграда во центарот на градот е прогласено за „Најдобар мурал на светот“ за 2025 година од страна на Street Art Cities, глобална платформа што ја слави уличната уметност. Жителите на Каламата, 240 километри југозападно од Атина, одгледуваат светски познати маслинки, смокви и грозје, што се истакнати на муралот.

Василис Папаефстатиу, заменик-градоначалник за стратешко планирање и климатска неутралност, вели дека Каламата е еден од ретките грчки градови со амбициозна цел да стане климатски неутрален до 2030 година.

„Сакавме муралот да одрази многу јасна порака што значи одржливиот развој за регионален град како Каламата. Сакавме да создадеме слика што ги комбинира скромните, но светски познати производи на земјата, како што се маслинките и маслиновото масло, со уметноста на високо ниво“, кажа Папаефстатиу.

За лик што го претставува градот беше избрана Марија Калас, една од најголемите оперски пејачки на 20. век и национален културен симбол на Грција. Таа можеби е родена во Њујорк, но нејзиниот татко потекнува од село јужно од Каламата. За локалното население, Калас е една од нивните.

Уметникот Клеоменис Костопулос појасни дека муралот не се вика „Марија Калас“, туку „Каламата“.

„Тоа беше мојот обид да ја насликам Каламата алегорично. Вклучив елементи што ги поврзуваат луѓето со нивната земја: гранки од дрвја, птици што се автохтони во областа и добро познатите земјоделски производи. Фустанот што го создадов за Марија Калас во ‘Каламата‘ е во суштина целиот овој цут“, кажа Костопулос, кој работел на муралот две недели.

(Фото: АП)