ЕНИ ЛИБОВИЦ ЈА ФОТОГРАФИРАШЕ СТОРМИ ДАНИЕЛС ЗА НОВИОТ „ВОГ“

Њујорк, (АоЛ)

Сторми Даниелс, порноѕвездата која стана еден од најголемите непријатели на Доналд Трамп, ќе се појави во октомвриското издание на магазинот „Вог“, во фотосесија што ја правеше легендарната Ени Либовиц.

Во ударниот текст насловен „Сторми Даниелс не се повлекува“, таа позира покрај својот адвокат Мајкл Авенати, со кој поведе жестока правна битка против американскиот претседател, обидувајќи се да докаже дека имала секс со него и била платена за да молчи за тоа.

Триесет и деветгодишната актерка е речиси непрепознатлива во фустан на Зек Позен од 4.000 долари и накит на „Тифани“ и многумина забележаа дека таа ќе се појави во „Вог“ пред Меланија Трамп. Магазинот има историја на фотосесии со првите дами на САД и уредничката Ана Винтур кажа дека и Меланија ќе добие таква можност, но тоа досега не се случи.

Симптоматичен е и изборот на дизајнерот за фотосесијата, имајќи предвид дека Позен јасно кажа по изборите дека нема да ги облекува Меланија и Ивана Трамп.