ОЧИЛАТА ЗА СОНЦЕ ПОТЕКНУВААТ ОД КИНА И ПРВИ ГИ НОСЕЛЕ СУДИИТЕ

САД, (Си-Ен-Ен)

Очилата за сонце кои штитат од силна сончева светлина имаат интересна историја. Еден од најпознатите колекционери е Елтон Џон, со неговите розови очила во облик на срце и многу други.

Се смета дека римскиот император Нерон ставал полиран скапоцен камен на очите за заштита од сонце додека гледал како се борат гладијаторите.

Во Кина од 12 век, судиите носеле очила за сонце со кварцни леќи за да ги сокријат изразите на лицето.

Во 18 век, благородните венецијански дами носеле очила со зелени рамки. Се користеле за нивна и за заштита на нивните деца од сончева светлина, додека гондолиерите ги возеле низ венецијанските канали.
Заштитата на окото добива интересен тек кога започнало снимањето филмови, бидејќи вештачките светла во студиото биле многу силни. Кога Холивуд почна да прави ѕвезди, тие бараа приватност со носење темни очила на јавни настани.

Грета Гарбо се криеше зад нејзините очила за да ја прекине интеракцијата со обожавателите. Одри Хепберн (фото) беше уште една ѕвезда позната по нејзините темни очила „оливер голдсмит“. Ги носела во многу филмови и како моден додаток.

Едни од првите очила „рејбан“ носеше генералот Даглас Мекартур, врховен командант на американските сили за време на Втората светска војна (Фото: Гети)

Првите очила против отсјај, првично со зелено стакло што го блокира ултравиолетовото зрачење (УВ), беа „рејбан“ патентирани во 1939, првично наменети за воздухопловниот корпус на американската армија. Тие станаа потпис на генералот Даглас Мекартур, врховен командант на американските сили во Пацификот, стациониран во Бризбејн, Австралија, за време на Втората светска војна.

Темните очила стануваа сè попопуларни во доцните 1920-ти, а најмногу во 1960-тите и 1970-тите. Стилските икони како Жаклин Кенеди носеа огромни дизајнерски очила.
Денес на пазарот има стотици различни дизајни и имаат различна намена. Штитат од суровата сончева светлина и од несакан близок контакт со другите. За некои познати личности, очилата за сонце станаа дел од нивниот карактер како главната уредничка на „Вог“, Ана Винтур, и пејачот Стиви Вондер, кој носи очила за сонце бидејќи е слеп.