Угледниот сајт за патувања „Лонли планет“ ја состави својата традиционална листа на најдобри дестинации за патување во 2026, која овојпат се состои од 25 места што мора да се посетат и 25 најдобри искуства во следната година.
Меѓу попознатите места на листата се Мексико Сити, Боцвана, Перу, Тунис, Финска, Сардинија, Барбадос, Утрехт и Кадис, како и помалку познати како Соломонски Острови, Реунион, Сием Реап во Камбоџа, Џафна во Шри Ланка, Квецтелтенанго во Гватемала и Џеџу-до во Јужна Кореја.
На листата се најде и Либердаде, населба во Сао Пауло, која често се нарекува „Мала Јапонија“ (фото).
„Бразил ја има најголемата јапонска заедница надвор од Јапонија, два милиона луѓе во Бразил тврдат дека имаат врска со јапонско потекло. Либердаде беше полн со изненадувања: улична уметност инспирирана од аниме, ориентална градина, а се тврди дека го има и најдобриот рамен надвор од Токио“, велат од „Лонли планет“.
Другата листа ја сочинуваат искуствата што мора да се пробаат во 2026. Тука се најдоа набљудување ѕвезди во Ваирарапа во Нов Зеланд, кулинарската сцена на Мелбурн, ноќниот живот во Белград, журките во Гренада, рафтинг на реката Колорадо, планинарење во Таџикистан, следење слонови во Намибија, гледање натпревар од англиската Премиерлига…
(Фото: Гети)