Британскиот актер Мајкл Шин отпишал долгови на други луѓе во вредност од милион фунти, користејќи 100.000 фунти сопствени пари. Шин отворил компанија за откупување долгови за да им помогне на 900 луѓе во јужен Велс.
Овој потфат е прикажан во новата емисија на британскиот „Ченл 4“ насловена „Тајна донација на Мајкл Шин од милион фунти“, што ќе се емитува следната недела, пет месеци по затворањето на последната висока печка во Порт Талбот, со што беше означен крај на традиционалното производство на челик во јужен Велс.
Шин кажа дека немал 100.000 фунти за фрлање и сакал неговиот проект да биде што поефикасен. Тој притоа појасни како функционира системот на откупување долгови.
„Долговите на луѓето се групираат во пакети, што компаниите за откупување долгови можат да ги купат по пониска цена. Иако долгот останува ист, компаниите кои го поседуваат можат да го продадат поевтино“, кажа 56-годишниот Шин.
Тој основал ваква компанија со свои 100.000 фунти и откупил долгови вредни милион фунти зашто пазарната цена им паднала.
„Не знам кои се луѓето чии долгови ги откупив и никогаш нема да дознам. Знам само каде живеат и за каков долг станува збор“, рече Шин, кој во 2021 се прогласи себеси за непрофитен актер.
(Фото: АФП)