Настапот на светската диџеј-ѕвезда Дејвид Гета во Скопје, по повод 35 години независност на Македонија, ја потсети модната дизајнерка и професорка Лидија Георгиева на интересна приказна од времето кога живееше и работеше во Париз. Во 2004, тогашната сопруга на Гета, Кати Гета, позната како „кралица на ноќта на париската сцена“, носела креација на Георгиева на Канскиот филмски фестивал.
„Настапот на Гета по повод 35 години независна Македонија ме потсети на оваа приказна од пред 22 години, но такви има неколку низ мојата кариера“, вели Георгиева за СМАРТ СДК.МК.
Во тоа време нејзините авторски колекции веќе се продавале во Париз. Едно од местата бил култниот концепт-бутик „Шајн“, во близина на Операта Бастиља.

„На почетокот на овој век, во Париз веќе имаше неколку креаторски бутици или, како што тогаш веќе се нарекуваа, концепт-продавници. Тие не продаваа само дизајнерски колекции, туку преку изборот на интересни, независни автори презентираа комплетна и оригинална стилска приказна“, вели Георгиева.
Во „Шајн“, вели таа, нејзините модели се продавале покрај колекции на познати дизајнери од светската мода.
„Јас таму редовно продавав, рамо до рамо со етаблирани модни куќи, како ‘Марк Џејкобс‘ и ‘Мартин Марџела‘, но и брендови со кои се додаваше порелаксирана нота, како ‘Адидас‘. Бутикот беше навистина посебен, а главната приказна ја оформуваше сопственичката Винчи Д’Елиа со својот истенчен визионерски вкус“, вели дизајнерката.
Токму од „Шајн“ Кати Гета ја купила креацијата на Георгиева, но дизајнерката не знаела кој ја купил. Дознала случајно, гледајќи телевизија.
„На гости дома имав пријателка, која гледаше телевизија додека јас подготвував кафе. Одеднаш ме викна да погледнам. На телевизија одеше интервју со Кати Гета во популарна ток-шоу емисија на ‘Канал плус‘, во живо од Канскиот филмски фестивал. Пријателката ми рече: ‘Гледај, некој те копирал’. Изнервирано дотрчав, бидејќи се случувало да ме копираат. Детално се загледав и, за среќа, сфатив дека не е копија, туку мој дизајн“, раскажува Георгиева.
Кати Гета во Кан била во промотивна кампања за својот парфем, а забавата за неговото лансирање се одржала во познатиот хотел „Мартинез“. Креацијата на македонската дизајнерка ја носела и за телевизиското интервју и на забавата. Гета носела црн свилен топ од колекцијата пролет-лето 2004, рачно изработен во само неколку примероци.
„Тоа е рачно изработен црн свилен топ, плетен со луксузен конец од Италија. Конецот е збогатен и со нишка црн лурекс, кој му дава софистицираност и специфична светлина на дизајнот. Беше изработен во мала серија. Имав и примероци во чоколадна боја со тиркизно сини прерамки, но, ако добро се сеќавам, во црна боја изработив само неколку парчиња“, вели Георгиева.
Инспирацијата за моделот била спој на различни епохи и стилови.
„Инспирацијата беше мешавина од грациозноста на фустаните од 1920-тите со навестување на панк-рок елементи. Целата колекција беше во тој дух, а ова беше само еден нејзин сегмент“, додава таа.
Георгиева вели дека особено ѝ било драго што Кати Гета избрала токму нејзина креација за важен настан.
„Многу пријатно се изненадив. Ми се допаѓа комбинацијата на елегантниот и луксузен топ со панталони со порелаксиран изглед. Тоа точно го отсликува нејзиниот кул, гламурозен боемски стил, соодветен за нејзиниот тогашен животен стил: Париз, Ибица и слично“, вели Георгиева.
Како знак на благодарност, подоцна ѝ испратила подарок.
„За да ѝ се заблагодарам, ѝ испратив еден пар кожени ракавици од мојата зимска колекција, рачно изработен, уникатен модел“, вели дизајнерката.
Кати Гета во тоа време била добро позната фигура во парискиот ноќен живот.
„Нејзиното име особено доминираше на ноќната сцена како неприкосновен организатор на брендирани париски забави. Впрочем, затоа и ја нарекуваа кралица на ноќта“, вели Георгиева.
По скопскиот концерт на Дејвид Гета, таа решила да ја побара старата фотографија на интернет и успеала да ја најде.
„Тогаш не ни беше во фокусот да фотографираме толку многу како денес. Повеќе бевме сконцентрирани на квалитетот, оригиналната креација и на тоа како да се истакнеме од огромната конкуренција“, вели Георгиева.
Лидија Георгиева е редовна професорка на Институтот за текстилно инженерство при Технолошко-металуршкиот факултет на УКИМ и една од македонските дизајнерки со значајно меѓународно искуство. Во Париз се дошколувала на ESAA Duperré, каде што во 1991 добила државна диплома за модно креирање, откако во 1989 добила стипендија од француската влада.
Таму живеела повеќе од 20 години а професионалното искуство ѝ вклучува работа со познати модни куќи. Во 1991 била асистент во студиото за женска мода на „Пјер Балман“, а од 1995 до 1998 била одговорна дизајнерка во „Рошас“, каде што работела на лансирање и креирање коктел-линија. Од 1999 до 2010 работела како одговорна дизајнерка за повеќе модни куќи и студија во Париз. Нејзините авторски колекции во текот на кариерата се продавале во дизајнерски бутици во Париз, Њујорк, Токио, Милано, Лондон, Осака, Римини и Скопје.
По враќањето во Македонија, Георгиева ја продолжи работата и како професорка на ТМФ, каде што предава предмети од областа на модниот дизајн, модната илустрација, моделирањето и создавањето авторски колекции.
М. ЏАРОВСКА