Актерите Ања Митиќ и Игор Ангелов настапија на манифестацијата „Брод плови за Белград“, што се одржа во култниот белградски театар Атеље 212. Ова е традиционална манифестација, слична на македонската „Глумците пеат“, која се одржува во декември во Белград.

„Првата вечер, настапот на Ања и Игор доби овации од белградската публика. Во друштво на најпознатите белградски актери, тие ја освоија публиката, но и колегите со кои ја делеа сцената. Настапот на нашите актери во рамките на оваа реномирана манифестација претставува значаен момент за видливоста на домашната актерска сцена надвор од земјата и повод за искрена професионална гордост“, велат од тимот на актерите.
На пробата пред настапот, Митиќ се сретнала со познатиот актер Аљоша Вучковиќ, кој, како што велат од „Глумците пеат“, бил воодушевен од нејзиното пеење. Оттаму додаваат дека ова гостување е вовед во натамошна соработка, на следното издание на „Глумците пеат“ во март.

„Брод плови за Белград“ е култна предновогодишна манифестација на Атеље 212. Настанот е авторска идеја на доајенката Горица Поповиќ, а се реализира под уметничко водство на Светозар Цветковиќ.
И двајцата актери пееле хитови од македонски музичари: Ања Митиќ „Бато“ од Калиопи, а Игор Ангелов „Чукни во дрво“ од „Леб и сол“.